Роберто Мартинес, селекторот на белгиската репрезентација, верува дека Еден Азар по операцијата која ќе му биде направена утре во Далас, ќе паузира „само“ два месеца и не само што ќе биде подготвен за Европското првенство кое стартува на средината на јуни туку ќе игра и за Реал Мадрид на последните мечеви од сезоната.
Азар, кој го повреди глуждот на гостувањето кај Леванте, сигурно нема да игра на 3 мај со Атлетик Билбао, веројатно ниту на 10 мај со Алавес, но ако прогнозата на Мартинес се оствари, Белгиецот би се вратил некаде за дуелот со Вилјареал на 17 мај или во последното коло на 24 мај, кога Реал игра со Леганес. Азар нема многу среќа откако дојде во Реал бидејќи во една сезона пропушти мечеви колку во целиот престој во Челзи.
Во САД, каде што ќе биде опериран од врвен стручњак, Азар ќе оди со лекарот на Реал, Нико Михиќ, а процесот на рехабилитација ќе се одвива во Белгија. Мартинес е сигурен дека Азар ќе се појави на 13 јуни во Санкт Петербург против Русија во првото коло на Евро 2020.