Бели мугри

Македонија стравува за италијанското трио Горан Пандев, Елиф Елмас и Илија Несторовски по забраната на италијанските власти за напуштање на Чизмата, но има охрабрувачки најави дека денеска сите тројца ќе допатуваат во Скопје, а потоа и да се преселат на местото за историја во Тбилиси.

На 12 ноември го играме најважниот фудбалски меч во нашата историја како самостојна земја. Против Грузија ќе биеме битка за настап на прво големо натпреварување, но Македонија како да не може без маки.

АРГАТСКИ МАКИ ГОЛЕМИ

Или како што во својата поезија вели ненадминливиот македонски херој и поет Коста Солев Рацин, ги чекавме Белите мугри за да бидеме сигурни дека Пандев, Елмас и Несторовски ќе бидат со репрезентацијата, како што е нормално и единствено фер за ваков меч.

Аргатски маки ќе истргаме со помош на дипломатијата и на добрата волја на италијанските власти и клубовите само за да ги имаме на располагање капитенот, бисерот и бомбардерот за мечот со Грузија.

Се надеваме дека и Аријан Адеми ќе пристигне во Скопје и дека Кире Ристевски ќе има негативен тест за и тој да биде во редовите.

На вакви неочекувани маки ред е и да ни се насмевне божицата на среќата, Фортуната, и таа да биде на наша страна за да се израдуваме на историска победа во Тбилиси, што ќе значи прв настап на фудбалската А селекција на Европско првенство.

СИЛНО СВЕТНАЛ ДЕН

Ракометарите си „возат“ по старо, нè навикнаа на победи и на континуирани учества на големите натпреварувања, па и сега уште на стартот на новите квалификации за ЕП 2022 година најавуваат сигурен настап во Унгарија и Словачка.

Рутински ги победија Финците, а со триумф против Швајцарците прецизно како часовник потврдија дека сè уште сме класа и за нив. Две од четири репрезентации директно ќе одат на ЕП од нашата група, па тука со обложувачки речник можеме уште отсега да заокружиме сигурен кец и ново учество на Македонија на големо ракометно првенство.

Прекрасно би било фудбалерите да бидат предвесник на ракометната прослава за две години, со настап на Европското првенство идната година.

Замислете си за момент каква еуфорија ќе биде тоа, прослава што ќе се памети, иако сме во канџите на ковид-кризата. Македонија ќе експлодира од радост со евентуален пласман на ЕП, од кој нè делат 90 грузиски минути. Или можеби 120, па и пенали, сеедно е, само да ни биде свилен патот во прекрасниот Тбилиси, некогашната рута на Патот на свилата.

Со радост се сеќаваме на ракометните прослави за петтото место на Македонија на ЕП 2012, уште повеќе на двата незаборавни фестивали во чест на европскиот првак Вардар и на прекрасниот амбиент по успехот на кошаркарите во Литванија на ЕП 2011.

Имавме и фудбалски успеси во незаборавната 2017 година, кога се тресеа трибините на националната арена во Скопје по пласманот на младата репрезентација на ЕП во Полска и на нашиот клупски гигант Вардар со историски пласман во Лигата на Европа. Во Тбилиси се печати третото фудбалско парче од мозаикот што треба да патува во Романија и Холандија на ЕП, виа Грузија и Македонија.

 

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести