Бенитес со показна вежба: Судиите во Англија не ги разбираат правилата

Рафа Бенитес нема среќа на дуелите со Вулверхемптон, на двапати губи бодови против волците во последните моменти, а и вчеравечер на Њукасл му се случи сценарио слично на првиот меч.

Вили Боли постигна израмнувачки гол во 95. минута за 1:1, а менаџерот на гостите тврди дека имало фаул над голманот Мартин Дубравка. И веднаш по мечот истрча на теренот за да им демонстрира на судиите дека погрешиле.

„Во Англија не ги разбираат правилата. Можам да посочам доста примери, но џабе ќе зборувам, тоа нема ништо да промени“, изјави Бенитес.

Ситуацијата беше сомнителна, голманот Дубравка веројатно беше фаулиран, а од таборот на Њукасл имаа забелешки на судењето и на првиот меч меѓу овие две екипи, сезонава. Тогаш со голот на Мет Доерти во 94. минута Вулверхемптон победи со 2:1 на „Сент Џејмс Парк“, а и тогаш во главната улога беше Боли. Сомнителен беше неговиот дуел со Ајозе Перез, по кој топката дојде до Доерти за победнички гол, исто така во судиското продолжение.

- Оглас -

Најнови вести