Бербатов: Цели 20 години играв фудбал, дојде време да кажам доста е

Димитар Бербатов, некогашниот напаѓач на Манчестер јунајтед и Тотенхем, денес го најави своето повлекување од фудбалот. Бугарскиот голгетер стави крај на 20-годишната успешна кариера откако веќе една година беше во потрага по ангажман, но неуспешно.

„Многумина веруваа дека јас веќе се пензионирав, па затоа малку е чудно што го објавувам ова. Но, вистината е дека веќе подолго време се обидував на најдам ангажман, но таа неуспешна потрага ме натера да кажам дека е доста. Цели 20 години играв фудбал, а сега е вистинско време да го потврдам моето повлекување. Сè ќе ми недостасува, и тоа многу. Натпреварите, тренинзите, притисокот, погдотовките, сите мои соиграчи, а најмногу… Бучавата од трибините при секоја моја мајсторија. Се надевам дека уживавте гледајќи ме бидејќи се трудев да ве забавувам со секој мој настап“, објави Бербатов на својот профил на „Инстаграм“.

Како младинец од ЦСКА Сoфија, Бербатов во 2001 година направи трансфер во Бундеслигата, во редовите на Баер Леверкузен, од каде што го сврте вниманието на клубовите од Премиер лигата. Во 2006 година кариерата ја продолжи во Тотенхем, а по повеќе од 100 натпревари за Петлите, стана новата „деветка“ на тогаш моќниот Манчестер јунајтед, со кого во два наврати стана англиски првак, а во шампионската сезона 2010/11 Бербатов беше и најдобар стрелец со 20 погодоци.

Последен ангажман му беше во Индија, каде што Бербатов запиша само девет настапи за Керала бластерс, а во меѓувреме играше и за Фулам, Монако и ПАОК. Инаку, Бербатов е најдобар стрелец во историјата на бугарската селекција со 48 погодоци на 78  настапи.

 

- Оглас -

Најнови вести