Берлин стравува од двоен дебакл – Унион Берлин нема тренер, Херта има, ама слабо ги знае играчите

Берлин се радува, но и стравува на еден ден до рестартот на Бундеслигата, а двата тима од главниот град имаат многу проблеми пред дуелите со Баерн Минхен, односно со Хофенхајм.

Урс Фишер, менаџерот на Унион Берлин, неочекувано го напушти тренинг-кампот на клубот пред два дена и веројатно нема да биде на клупата за мечот што новиот прволигаш долго го чекаше.

Во Копеник на „Фортсерај“ доаѓа најтрофејниот клуб во Германија, за првпат како гостин на стадионот на Унион Берлин, но домаќините ќе играат без два големи адути.

Публика ќе нема, а на фанатичен начин досега ги бодреа своите миленици во историската сезона како Бундеслигаши, а сега на клупата ќе го нема и одличниот стратег од Швајцарија Урс Фишер, па домаќините стравуваат од тежок пораз во недела од 18. часот против лидерот во Бундеслигата и германски гигант, Баерн Минхен.

Херта има поинакви проблеми, а има тренер, и тоа добар, но немаше доволно време да ги запознае играчите. Бруно Лабадија ќе има деби на клупата на Херта утре од 15.30 часот против Хофенхајм на гостински терен, откако во април го замени Александер Нури, токму во периодот кога беснееше пандемијата со корона-вирус.

Уште еден малер за 54-годишниот тренер на клубот од главниот град е што Херта тргна со 4 дена задоцнување во однос на другите клубови од Германија, во последната фаза подготовки и тренинзи за рестартот на Бундеслигата.

Лабадија и самиот признава дека немал доволно време за да се запознае темелно со квалитетот на играчите, но вели дека предавање ќе нема во дуелот против Хофенхајм утре, од 15.30 часот, на гостински терен.

„Ситуацијата за мене е како битка на слепо, но секако нема да се предадеме. Во тимот владее одлична атмосфера, играчите се радуваат на рестартот на сезоната и ќе одиме на победа, иако Хофенхајм е фаворит“, вели Лабадија.

Бруно има солидно тренерско педигре, откако имаше одлична играчка кариера. Како тренер на Хамбургер во 2010 година стигна до полуфиналето на Лигата на Европа, но беше елиминиран од Фулам, а една година претходно до Баер Леверкузен, го освои купот на Германија со триумф од 1:0 против Вердер токму на „Олимпискиот“ стадион во Берлин, кој е дом на сегашниот негов клуб Херта.

 

- Оглас -

Најнови вести