Португалецот Бернардо Силва објави проштално писмо до навивачите и до клубот од Манчестер сити, со кое потврди дека ќе го напушти тимот на крајот од сезоната како слободен агент.
За девет години во Сити, Бернардо одигра 451 меч и освои 19 трофеи, од кои еден во Лигата на шампионите и шест во Премиер лигата.
„Кога пристигнав во Сити пред девет години, го следев сонот на едно мало момче кое сакаше да успее во животот и да постигне големи работи. Овој град и овој клуб ми дадоа многу повеќе отколку што некогаш сум замислувал. Она што го постигнавме и што го освоивме заедно е наследство кое засекогаш ќе остане во моето срце. Сто бода во една сезона, четири домашни титули, трипл-трик, четири титули по ред и многу повеќе… Не беше сè лошо.
За неколку месеци ќе дојде време да се збогуваме со градот каде што не само што освоивме толку многу како фудбалски клуб, туку и каде што го основав моето семејство и се оженив. Од дното на моето срце, Инес и Карлота, ви благодарам!
Навивачи, вашата безусловна поддршка во текот на сите овие години е нешто што никогаш нема да го заборавам. Мојата главна цел како играч отсекогаш беше да играм со страст, да ве направам горди и да се чувствувате достојно претставени на теренот. Се надевам дека го чувствувавте тоа на секој натпревар. Пристигнав како играч на Манчестер сити, а си заминувам како еден од вас – доживотен навивач на Манчестер сити. Продолжете да го поддржувате овој млад тим и сигурен сум дека тие ќе ви дадат уште многу фантастични спомени во иднина.
„До клубот, до Пеп, до персоналот и до сите мои соиграчи во текот на овие девет години – ви благодарам за сите спомени и што ми дозволивте да бидам дел од ова долго патување. Атмосферата што ја создававме секој ден на тренинг-теренот ме натера да се чувствувам како дома и како дел од едно големо семејство. Ајде да уживаме во овие последни неколку недели заедно и да се бориме за она што ни го носи оваа сезона“, напиша Силва на социјалните мрежи.

