Хит е со клубот во Лигата на шампионите, но двапати се лизна на домашен терен и доби отказ

Карл Хофкенс, кој беше хит со Бриж во првата фаза во Лигата на шампионите, доби отказ и веќе не е тренер на белгискиот гигант.

Во сложена група во Лигата на шампионите, Хофкенс одлично кормилареше со Бриж и успеа да заврши пред Баер Леверкузен и Атлетико Мадрид и заедно со Порто да се пласираат во нокаут-фазата.

Со нетрпение ги очекуваше февруари и март и двомечот во осминафиналето против Бенфика, но не ги дочека бидејќи е сменет.

На Хофкенс не му ги простија двата кикса против Сент Труден во Купот, кога Бриж загуби дома со 1:4 и викендов со Оуд-Хеверле Лувен кога ремизираа 1:1, повторно на свој терен во меч од домашното првенство.

Бриж заостанува многу во битката за титулата, што заедно со двата неочекувани последни резултати доведоа до отказ за Хофкенс, кој е само шест месеци тренер на повеќекратниот белгиски првак.

Се очекува наскоро Бриж да именува нов тренер што ќе ги предводи во осминафиналето против Бенфика на 15 февруари на „Јан Брејдел“ во Бриж и на 7 март во реваншот на „Луж“ во Лисабон.

 

- Оглас -

Најнови вести