Леванте дополнително ја вжешти битката за опстанок во шпанската лига, откако вечерва приреди изненадување и славеше на гостувањето кај Селта Виго, со што сериозно ги наруши и амбициите на домаќинот за пласман во Лигата на шампионите.
Пред ова коло, Леванте се наоѓаше на претпоследната позиција со 36 бодови, но со триумфот на „Балаидос“ привремено прескокна дури три екипи, Алавес, Жирона и Еспањол.
Ситуацијата на дното е драматична, Жирона сега е под опасната зона со 39 бодови, колку што имаат и Еспањол, Леванте и Мајорка, додека Алавес има само два помалку.
Селта имаше одличен старт и уште во четвртата минута Феран Џутгла погоди за водство од 1-0.
Сепак, во финишот на првото полувреме Ариага испрати вистинска „бомба“ од околу 30 метри, а голманот Андреј Раду катастрофално реагираше и практично сам ја внесе топката во мрежата за 1-1.
Само што започна второто полувреме, Џутгла повторно донесе предност за Селта, но Леванте уште еднаш се врати. Во 57-та минута нов удар од далечина заврши под гредата за 2-2.
Шокот за домашните стигна во 63-та минута, кога по корнер од десната страна, одбраната и голманот Раду лошо реагираа, а Бруге со глава комплетно го сврте резултатот на 2-3.
Во финишот Селта тргна на сè или ништо. Во игра влезе Борха Иглесијас, кој имаше одлична можност за израмнување, но голманот Рајан успеа да интервенира.
Леванте до крајот ја зачува предноста и освои огромни бодови во борбата за опстанок, додека Селта најверојатно пропушти голема шанса да се доближи до местата кои водат во Лигата на шампионите.

