Шокантна вест од НБА: Почина кошаркар на Мемфис гризлис

Голема трагедија ја потресе НБА, откако на 29-годишна возраст почина кошаркарот на Мемфис гризлис, Брендон Кларк.


Причината за смртта сè уште не е официјално соопштена, а информацијата предизвика огромен шок меѓу навивачите, кошаркарите и целата НБА јавност.


Кларк целата своја НБА кариера ја мина во дресот на Мемфис, кој го избра како 21. пик на драфтот во 2019 година. Брзо прерасна во еден од омилените и најважни играчи на тимот, препознатлив по својата енергија, борбеност и пожртвуваност на теренот.


Последните две сезони беа исклучително тешки за него поради серија повреди. Оваа сезона одигра само два натпревари, а поголемиот дел од годината го пропушти поради проблеми со коленото и повреда на листот.


Во изминатите недели Кларк беше во центарот на вниманието и поради проблеми надвор од терените. Американските медиуми објавија дека во април бил уапсен во Арканзас под обвиненија за поседување и трговија со контролирани супстанци, како и бегство од полиција при пречекорување на брзината.


И покрај контроверзите, Брендон Кларк остана еден од симболите на новата генерација на Мемфис гризлис и кошаркар кој уживаше голема почит кај навивачите и соиграчите.

- Оглас -

Најнови вести