Без потценување, но Мешков мора да биде совладан во „Јане Сандански“

Ретко кога Вардар играл два натпревари за два дена во две различни натпреварувања, a тоа ќе им се случи на ракометарите во црвено-црни дресови денеска и утре. Многу поважен е денешниот дуел со Мешков Брест во ЕХФ Лигата на шампионите од 17 часот во СЦ „Јане Сандански”. Утревечер, Вардар во СЕХА лигата ја пречекува Војводина од 20.15 часот.

Ситуацијата со повредените ракометари ќе решава со каков состав ќе настапи европскиот првак. По двата порази, на македонскиот претставник му требаат бодови за останување во горниот дел од сезоната. По пет одиграни натпревари Вардар има три победи, а Мешков само победа.

Дуелите со Мешков последниве години се класика, со оглед на тоа што тимовите меѓусебе играат и во ЛШ и во СЕХА. Традицијата е на страна на Вардар: од четири меча, на два победил Вардар, а по еден завршил нерешено и на еден се радувал Мешков.

Последниот дуел со Мешков во Скопје, Вардар го доби со 30-23. Капитенот Стојанче Стоилов можеби за првпат сезонава ќе се појави на терен, но проблем се повредите на Атман и Горпишин.

„Екипата на Мешков Брест е квалитетна и тоа го докажа и минатата година. Очекуваме добра игра и наша победа. Преку ноќ не можеме да дојдеме до промена. Потребно е повеќе време за да направиме промени. Ако сакаш набрзина, тогаш може да се направи лошо за тимот. Секој од нас сака да дојде до победа, тоа ни е главната цел”, изјави тренерот Едуард Кокшаров.

- Оглас -

Најнови вести