Без влакна на јазикот: Тој ми ја нанесе најголемата болка во животот, се надевам дека му е ужасно

Некогашниот офанзивец на Рома, Јувентус, Интер и Бока јуниорс, Дани Освалдо, упати тешки зборови кон човекот кој најмногу го повредил во животот, поранешниот италијански селектор Чезаре Прандели. Аргентинецот се надева дека Прандели пати во овој период бидејќи поради неговата одлука, Освалдо не отпатува со Аѕурите на СП 2014, иако заслужуваше да биде во составот.

„Во квалификациите постигнав шест или седум погодоци, бев прв избор во нападот и ја носев „десетката“ на грбот. За чудо, не се најдов на списокот за Мундијалот бидејќи медиумите пишуваа дека сум Аргентинец, а не Италијанец, па Прандели одлучи да не ме повика. Полошо е што за тоа дознав преку медиумите, Прандели не ми ги соопшти лично лошите вести. Во тој период не можев да престанам да плачам и посакував да умрам бидејќи знам дека заслужив да одам во Бразил. Дури имаше храброст да ме побара за да потпишам за Галатасарај кога беше тренер, му реков дека тоа нема да се случи ниту на сон. Се надевам дека му е ужасно периодов, тој ме повреди како никој досега во животот и затоа сакам да пати“, истакна Освалдо.

Инаку, Освалдо во 2016 година ја изненади јавноста со откажувањето од фудбалската кариера со цел да биде музичар. Сепак, на почетокот од оваа година се врати во фудбалот и пред да се случи пандемијата, успеа да запише неколку настапи за аргентинскиот прволигаш Банфилд.

- Оглас -

Најнови вести