Без втор ешалон, нема добитен талон

Ливерпул, Барселона, Реал Мадрид, Јувентус, Лајпциг, Ајакс, Бенфика, Бриж, Олимпијакос… одиграа лидерски викендов и потврдија дека заслужено се на врвот или на делба на првото место во своите првенства.

Кој одигра на сигурно, со среќа добивка, но имаше и многу нагазни мини. За нив се погрижија вториот и третиот ешалон од најсилните 10 шампионати во Европа и нѝ ги уништија сите надежи на нас „ситните“ играчи за дваесче, пеесче и стотче. Кај може тикет без Интер, Манчестер сити, Челзи, Арсенал, Лестер, Порто, Атлетико Мадрид, Валенсија… Изненадувања цел ешалон и останавме без добитен талон.

Оправдување секогаш има. Во обложувалниците на Sport Life со топол чај или кафе некој и ќе спомене: „Уште е зима, замрзнати се фудбалските терени, ни ги замрзнаа и добивките. Подобро да си игравме спортови во сала“.

Секако, на таков коментар и покрај сета лутина, мора да се насмеете и да одите понатаму. Си велам, и на шега нека е кажано, сепак има и вистина во тоа. Вртам лист во Sport Life и веднаш барам ракомети, кошарки, па и НХЛ. Се игра на мраз, ама и тоа е во сала.

И веднаш ми паѓа в очи дуелот меѓу Шведска и Португалија. Швеѓаните се поим за ракомет, рекордери со 4 европски титули и тука нема дилеми. Кец како планина на домаќините. Португалците се тазе европска сила, по 14 години пост се вратија на европските првенства и за беља ги растурија „Трите круни“ сосе четвртата што ја имаат на Европските првенства. Десет разлика за европските Бразилци во ракомет против Шведска во Малме. Кој веруваше? Па ова е светско чудо на европско првенство.

Креваме раменици и одиме понатаму. Малер си најдовме, вториот и третиот ешалон нѐ оставија без добитен талон.

РАКОМЕТ ЛИ Е ОВА ИЛИ ПАНАЃУР?

Кога сме веќе кај ракометното Европско првенство, не можеме да ја одминеме Македонија. Во спортот број 1 кај нас, прописно се посрамотивме со само два освоени бода во група што нема да ни се повтори уште на 100 европски и светски првенства.

Австрија, Чешка и Украина се втор и трет ешалон во ракометот, но ние испаднавме како крушки на слаб ветар. И за крај се искаравме за уште следни 100 првенства.

Споредните работи нѝ беа најважни и меревме колку децибели ечи кога ја пееме химната, кој е за СДСМ, а кој за ВМРО, па такви беа и коментарите.

Како да сме заминале на фестивал, па се силевме дека ракометарите грмат кога ја пеат химната, а слабо гледавме колку сме очајни на теренот. Па не појдовме во Виена на избор за песна на Евровизија. Балот требаше да биде ракометен во Градот на Валцерот, но ние игравме како почетници.

Со чест на исклучоци, настапот ни беше очаен, а иднината не ни е розова. Само ние во Европа се расправаме за работи што модерните спортски нации одамна ги оставиле зад себе и воопшто не им се важни. Измешавме и политика и химна и име и презиме.

Ракометот и Македонија наместо да нè спојат, уште толку нѐ поделија. И што е најлошо од сè, некако се чини дека и немаме цврсти темели за нов почеток во спортот што кај нас го има епитетот национален.

Многу брзо ги именуваме и менуваме ракометните министри, хероите за час ни стануваат лузери, а талентите со по 3-4 настапи на големите првенства уште ги чекаме да созреат. Кој да нè разбере, кога и самите не се разбираме.

Ми личи дека долго ќе чекаме нови Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов, Гоце Георгиевски… и уште неколку наши ракометни легенди кои се во зенитот или веќе ја завршуваат кариерата. Ако грешам, нека изгорам, како мојот викенд-талон составен од кецови и двојки на екипи од вториот ешалон.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести