Блескава ноќ на Ембид, ги уриваше рекордите на Филаделфија

Џоел Ембид си поигруваше со одбраната на Феникс санс и имаше неверојатен учинок од 42 поени и 18 скокови во победата на популарните 76-ки со 132:127.

Центарот на Филаделфија само за 16 минути игра во првото полувреме имаше учинок од 30 поени и 10 скока, со што навести извонредна претстава, а патем и го израмни учинокот на Антоан Џејмисон од сезоната 1999/00, кога за последен пат кошаркар на овој тим за едно полувреме имал минимум 30 поени и 10 скокови.

Ембид до крајот стигна до 42 поени, а сезонава има 10 меча со 30 или повеќе поени и 15 или повеќе скокови, со што се израмни со легендарниот Чарлс Баркли, кој имаше ваков учинок во сезоната 1989/90.

„Само си ја работам мојата работа. Првото полувреме беше извонредно, а се надевам дека ќе има што повеќе репризи во продолжението од натпреварите“, изјави Ембид.

Извонредна партија одигра и Бен Симонс со 29 поени, а кај Феникс блескаше Букер со 37 поени.

Идентичен учинок од 37 поени во победата на Оклахома против Лос Анџелес лејкерс оствари Пол Џорџ, а дополнителна мотивација му беа свирежите на домашната публика. Навивачите на Лејкерс му се лути на Џорџ што не ја прифати понудата на тимот од Ел-еј да игра за нив, па му свиреа во текот на мечот, но добија вистински одговор со извонредна партија кошарка од крилото на Оклахома.

Резултати: Шарлот – Далас 84:122, Кливленд – Мајами 92:117, Вашингтон – Атланта 114:98, Бруклин – Њу Орлеанс 126:121, Бостон – Минесота 115:102, Чикаго – Орландо 84:112, Мемфис – Детроит 94:101, Феникс – Филаделфија 127:132, Лос Анџелес лејкерс – Оклахома 100:107.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести