Блесна на Мундијалот во Катар, а кога се врати во својот клуб, доживеа шок

Мароко испиша историја на Светското првенство во Катар откако стана првата африканска репрезентација која стигна до полуфиналето на планетарниот фудбалски собир. Сите фудбалери кои беа дел од оваа селекција беа дочекани како херои во Мароко и нивната вредност на фудбалскиот пазар дополнително се зголеми.

Сепак, еден од фудбалерите доживеа шок кога се врати во својот клуб. Селим Амалах на Мундијалот во Катар ги одигра сите седум меча (на пет беше стартер, а двапати влегуваше како резерва), но откако се врати во клубот Стандард Лиеж, беше непријатно изненаден.

Челниците на клубот му порачаа на Амалах дека повеќе не им треба и затоа е префрлен во вториот тим на клубот. Договорот на Амалах со Стандард Лиеж е до јуни 2023 година, што значи дека од 1 јануари ќе може да преговара и да бара нов клуб, но сепак нема да може да си замине додека не заврши оваа сезона.

„Амалах и уште тројца други играчи се префрлени во вториот тим. Не сакаме да им ја зголемуваме пазарната вредност затоа што тие играчи на крајот од сезоната ќе си заминат бесплатно“, стои во соопштението на Стандард Лиеж.

Разочаран од оваа одлука на клубот е тренерот Рони Деила. „Ова е тажно. Разочаран сум. Селим беше еден од најдобрите наши играчи пред Светското првенство, но тоа е. Ваквите одлуки се составен дел од фудбалот“, коментираше Деила.

Стандард Лиеж моментално е на шестото место во првенството на Белгија.

 

- Оглас -

Најнови вести