Навивач на екипата на Овиедо е осуден на девет месеци условна затворска казна поради расистичко навредување на фудбалерот на Барселона, Маркус Рашфорд. Инцидентот се случи сезонава, кога Барселона на 25 септември гостуваше во Овиедо на стадионот „Карлос Тартиере“. Каталонскиот гигант победи со 3:1, а Рашфорд се најде како мета на расистички навреди.
Лоциран беше навивачот кој го навредуваше Рашфорд, а потоа самиот призна пред Судот дека згрешил и ги прифати обвиненијата. Освен условната затворска казна, навивачот кој расиситички навредуваше, сега ќе треба да плати и парична казна од 900 евра, а доби и тригодишна забрана за доаѓање на стадионите во Шпанија и на какви било други спортски настани во земјата.
Обвинителството се согласи дека затворската казна може да биде суспендирана – како што е вообичаено за казни под две години во Шпанија – сè додека сторителот посетува разни образовни програми и се придржува до забраната за влез на стадион, меѓу другите услови.

