Бојан Миовски е нов фудбалер на Жирона, ќе игра во ЛШ и во Ла Лига со шпанската сензација

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски официјално е нов фудбалер на шпанскиот прволигаш Жирона. Напаѓачот потпиша договор на четири сезони, до јуни 2028 година, откако Жирона постигна договор со Абердин за трансферот кој треба да биде вреден околу 8 милиони евра.


Миовски, кој веќе ги помина медицинските прегледи, ќе започне со тренинзи со тимот утре.

„Новиот напаѓач на Жирона својата професионална кариера ја започна на 18 години, дебитирајќи во Првата лига на Македонија со ФК Брегалница во 2017 година. Тој играше за неколку клубови во својата земја, како Работнички, Македонија ЃП и Ренова, пред да се приклучи на МТК во Унгарија во 2020 година. Во летото 2022 година потпиша за Абердин во Шкотска, каде што во две сезони ја покажа својата голгетерска способност. Минатата сезона постигна 26 гола на 53 натпревари, вклучувајќи ги и тие во шкотската Премиер лига, Лигата на Европа и Конференциската лига. На овие треба да се додадат 18-те голови што ги постигна во својата дебитантска сезона во Абердин.

Миовски за својата земја има настапувано на младинско ниво, а дебитираше за сениорскиот тим во октомври 2021 година. Оттогаш има одиграно 23 натпревари за репрезентацијата на Македонија“, се вели во клупското соопштение на Жирона.

Бојан Миовски со Жирона ќе има големи предизвици во новата сезона, ќе игра во Ла Лига, но и во Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести