Борачот Нуров за бронзата на СП ќе добие стипендија од државата

По повод освојувањето бронзен медал на Светското првенство во борење и исполнување на нормата за Летните олимписки игри во Токио 2020, во просториите на Агенцијата за млади и спорт борачот Могамедгаџи Нуров и раководството на Боречката федерација беа на прием кај директорот на АМС, Дарко Каевски.

„Ова е историски момент и прва обезбедена норма за Олимписките игри во Токио и во таа насока сакам да изразам голема благодарност од мое име и од името на Агенцијата за млади и спорт. Во соработка со Боречката федерација обезбедивме беспрекорни услови за подготвителниот период, контролните натпревари, како и настап на боречите на меѓународните натпревари и сето тоа вроди со плод“, рече директорот Каевски.

Со освоената бронза на СП, Нуров станува добитник на стипендија од светска категорија (ќе добива по две просечни плати месечно) на Агенцијата за млади и спорт.

Нуров истакна дека медалот е очекуван, иако патот до него воопшто не бил лесен. Тој се заблагодари на сите членови на Боречката федерација и Агенцијата за млади и спорт за одличните услови, со надеж за олимписки медал за нашата држава. Досега единствен медал за Македонија на ОИ има освоено Могамед Ибрагимов во 2000 година, исто така во борење.

„За една година обезбедивме две бронзи во кадетска и сениорска конкуренција. Ова што го направи Нуров е огромен успех, тој се избори со 35 илјадна публика, но и со неговите противници и судии, што е за пофалба“, истакна Бетим Вренези, првиот човек на Боречката федерација.

- Оглас -

Најнови вести