Борко Ристовски: На Пелистер му фалат домашни играчи, овој меч не го одлучија странците

Искусниот голман Борко Ристовски е еден од најзаслужните за победата на Вардар против Еурофарм Пелистер во Битола, по која Црвени-црните се искачија на врвот на табелата и сега се во пол позиција за освојување на титулата во ракометното првенство на Македонија. Ристовски имаше осум одбрани, од кои повеќето беа во клучните моменти во второто полувреме, покажувајќи дека искуството е многу значајно на вакви дуели.

По мечот во Битола, Ристовски потенцираше дека Вардар има силен тим, но и дека клучно за оваа победа е тоа што во скопскиот тим има голем број на македонски ракометари кои многу повеќе знаат што значи ривалството меѓу Вардар и Пелистер.

„Тежок меч, а навивачите создадоа одлична атмосфера. Мило ми е што уште постои, односно што се врати ривалството меѓу Скопје и Битола. Честитки до Пелистер за добриот проект, се движат во вистинска насока, но мора уште да растат, затоа што Вардар е Вардар. Да не заборавиме, двократен европски првак, а искрено сме поквалитетни од нив. На Пелистер му недостасуваат македонски играчи кои знаат како се играат ваков тип на натпревари. Овој меч не го одлучија странците, туку домашните ракометари. Не може секој да се носи во ваква атмосфера, не може секој да го издржи притисокот“, рече Ристовски по триумфот во Битола.

- Оглас -

Најнови вести