Борусија го победи Ливерпул (Видео)

Европскиот првак Ливерпул претрпе пораз од 2-3 во дуелот со Борусија Дортмунд кој се одигра на температура од 33 степени во Индијана, САД. Гледачите на „Нотр дам стадионот” беа задоволни од спектаклот, а поради резултатот, секако Германците беа позадоволни.

За тренерот Јирген Клоп ова беше емоционално доживување, бидејќи првпат имаше дуел против клубот во кој најмногу напредуваше во кариерата. Ливерпул излезе на терен претежно со резервни играчи, па затоа германскиот стручњак рече дека немало што да се научи од ваков натпревар и слабостите не смета дека се нешто сериозно.

Пако Алкасер, Томас Дилејни и Јакоб Брајн Ларсен погодија за Борусија, а Хари Вилсон и Рајан Брустер од пенал, беа стрелци за „црвените“.

За радост на приврзаниците на Ливерпул на трибините, во второто полувреме во игра се појавија и првотимците Ван Дајк, Александер-Арнолд, Робертсон и Вајналдум.

„Се виде дека Борусија е пред нас со подготовките, но и кај нас видов доста позитивни работи. Головите ги примавме поради лоша организација на одбраната, но тешко е да се има воиграност во овој период од годината. Беше тешко да се игра на ова топло време. Навистина ништо не можеше да се научи од овој меч“ – рече Клоп, чиј тим заминува во Бостон и таму утре ќе игра со Севилја, а потоа в среда во Њујорк имаат дуел со Спортинг Лисабон.

Погледнете ги головите и најинтересните моменти од мечот:

https://www.youtube.com/watch?v=4swRstcdjdI

- Оглас -

Најнови вести