„Брадата“ го урна Голден стејт, Денвер победи со +45

Во репризата од минатогодишното финале на Западот, Хјустон го совлада шампионот Голден стејт со конечни 107:86. Предводени од расположениот Џејмс Харден, „ракетите“ им го нанесоа четвртиот овосезонски пораз на вориорс, трет во последните пет меча.

Голден стејт само во почетните неколку минути ја имаа контролата врз резултатот, додека во остатокот од средбата Хјустон го диктираше темпото. Победникот се реши во воведните минути од решавачките 12 , кога домаќините влегоа со предност од +13 поени, па со неверојатната серија од 21-0 го најавија големиот триумф.

Харден заврши со 27 поени, три скока и три асистенции, а Џејмс Енис со 19 поени и пет асистенции придонесе за победета на Хјустон. Дурант реализираше за него скромни 20 поени.

Денвер нагетс буквално го растури тимот на Атланта хокс со конечен резултат од 138:93. Кај расположените Нагетси, дури седум играчи со двоцифрен број поени придонесоа за убедливиот триумф. Уште по првиот период Денвер изгради сигурна предност, па во остатокот од мечот само ја зголемуваше, па разликата своевремено беше и +46 во корист на домаќините.

Шпанецот Ернангомез реализираше најмногу од сите двоцифрени од тимот на Денвер – 25 поени. Милсап и Херис додадоа по 18, Бизли 15, Мареј и Лајлс по 14 поени, додека Јокиќ заврши со 12 реализирани поени, девет скока и седум асистенции. Лин се истакна како најефикасен кај поразените, реализираше 16 поени.

Тимот на ЛА клиперс пред својата публика беше подобар од Сан Антонио со конечни 116:111. Иако резултатот во поголемиот дел од средбата беше на страната на Клиперс, Спарси се вратија од негатива од 14 поени, па победникот се одлучуваше буквално во последните секунди од мечот.

На 107:107, Лу Вилијамс погоди тројка, а потоа беше прецизен и од линијата за слободни фрлања. Претходно, две слободни погоди Галинари, па екипата на Грег Попович остана без шанса за пресврт.

Вилијамс на крајот заврши со 24 реализирани поени и три скока, Галинари додаде 19 поени. Кај поразените, Дерозан го запиша личниот рекорд за постигнати поени оваа сезона, реализираше 34, а додаде и шест скока и пет асистенции во својата статистика.

 

- Оглас -

Најнови вести