Бразилскиот селектор Тите, објави список од 26 фудбалери на кои смета за пријателските мечеви со Тунис и Гана кои ќе се играат во Франција во втората половина на септември, а изненадување е што на листата го нема Габриел Жезус, кој игра одлично.
Ги нема ни Кутињо и Дани Алвеш, очигледно пријатно е да се биде селектор на Кариоките, имате огромен број на квалитетни фудбалери, па може да си дозволите луксуз да изоставите големи ѕвезди.
Ова ќе бидат последни мечеви за Бразил пред Мундијалот во Катар, но тоа не значи дека повиканите ќе играат на СП, и не значи дека тие што ќе ги нема, се отпишани од Тите. Во 2018 година пред СП во Русија, дури петмина кои биле на последниот список пред Мундијалот, не биле со тимот на СП.
Најголеми шанси за Габриел Жезус да игра на СП има ако Тите го исфрли Матеус Куња, кој е резерва во Атлетико Мадрид.
Тите го повика и Бремер од Јувентус, играч кој во националниот тим го посакуваше и Италија, но изгледа Бремер ќе си игра за родната земја.
Бразилскиот поширок состав изгледа страшно:
Голмани: Алисон Бекер, Едерсон, Вевертон.
Одбрана: Тијаго Силва, Бремер, Милитао, Маркињос, Ибањез, Данило, Алекс Сандро, Алекс Телјес.
Среден ред: Каземиро, Евертон Рибеиро, Фабињо, Фред, Лукас Пакета, Бруно Гимараеш.
Напад: Нејмар, Винисиус, Рафиња, Фирмино, Педро, Матеус Куња, Антони, Родриго, Ришарлисон.