Бразилците му направија македонски сеир на Дарио Бенедето (Фото)

Дарио Бенедето беше трагичарот на осминафиналниот дуел меѓу Бока јуниорс и Коринтијанс во осминафиналето во Копа Либертадорес, кое заврши со драматична победа на Бразилците на пенали.

Фудбалерот на Бока утна два пенали, еден во регуларниот дел од реваншот што заврши 0:0, како и првиот меч, и еден во пенал-серијата, по која се радуваше Коринтијанс на победа од 6:5 и пласман во четвртфиналето во јужноамериканската Лига на шампиони.

Веднаш по драматичниот двомеч што ноќеска го имаше вториот чин на култната „Ла Бомбонера“ во Буенос Аирес, на твитер-налогот на Коринтијанс имаше сеир за Бенедето во македонски стил.

Му направија лична карта и сега Бенедето е роден во Бразил и е дел од Коринтијанс, нешто слично како што Македонците му направија наша лична карта на Тимо Вернер, по победата во Дуисбург со 2:1 како благодарност за утките на германскиот напаѓач.

Во четвртфиналето Коринтијанс ќе игра со подобриот од двомечот меѓу Фламенго и Толима, а тука Бразилците пред реваншот на свој терен имаат предност од 1:0.

- Оглас -

Најнови вести