Брестовац: Кузмановски се наметнува како иден лидер на репрезентацијата

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Данило Брестовац, изјави дека во Филип Кузмановски гледа лидер на националниот тим откако Кирил Лазаров ќе се пензионира.

„Кузмановски игра одлично, задоволен сум од неговите настапи и неговиот однос. Тој полека се наметнува да биде предводник на тимот, во моментов е најсериозен кандидат да биде новиот лидер на репрезентацијата, и да го ја преземе улогата на Кире Лазаров. Во Костески добиваме ново стандардно крило. Кај голманите и пикерите сме добро покриени за во иднина. Селекцијата полека добива физиономија, но има и играчи кои играат променливо. Симптоматично за мене е тоа што и лани во Австрија одигравме вака лошо, во квалификациите играме добро, а на големите турнири сме под своите можности. Мораме во иднина да го промениме пристапот и да се обидеме да го решиме тој проблем“ – рече Брестовац.

Утре македонската селекција игра со Белорусија, и тоа ќе биде последен меч за Македонија на Светското првенство во Египет на кое влетавме во последен момент на местото на Чешка која имаше многу заразени играчи со Ковид-19, па го откажа учеството.

„Против Белорусија ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме, да го дадеме максимумот, но најпрво треба да видиме со кој состав ќе располагаме бидејќи имаме ракометари кои се жалат на повреди“ – вели селекторот.

- Оглас -

Најнови вести