Напаѓачот на Арсенал, Габриел Жесус, планира и следната сезона да остане во Премиер лигата, пренесува „ЕСПН“. Иако во минатото повеќепати зборуваше за можно враќање во Палмеирас, бразилскиот фудбалер засега е фокусиран на продолжување на кариерата во Англија.
Главната желба на 29-годишниот напаѓач е да го одработи договорот со Арсенал, кој му истекува во јуни 2027 година. Сепак, не е исклучена можноста да побара трансфер во друг англиски клуб доколку сака поголема минутажа и поистакната улога.
Жесус се врати на терените во декември 2025 година по пауза од 11 месеци поради тешка повреда на лигаментите. Оттогаш одигра 27 натпревари за Арсенал и постигна шест голови, а додаде и три асистенции.
Бразилецот има и дополнителен мотив да остане во Премиер – лигата, бидејќи е блиску до историски рекорд. Му недостигаат уште четири голови за да стане најефикасниот бразилски стрелец во историјата на англиската елита, рекорд што моментно го држи Роберто Фирмино со 82 погодоци.
Габриел Жесус пристигна во Арсенал во летото 2022 година од Манчестер сити, а наскоро би требало да добие и британско државјанство поради долгогодишниот престој во Англија.

