Македонскиот репрезентативец и еден од најдинамичните плејмејкери во Евролигата, Ти-Џеј Шортс, се наоѓа пред спектакуларен трансфер. Според пишувањата на српските медиуми, натурализираниот Македонец е на чекор до потпис со Црвена ѕвезда.
Шортс наводно веќе пристигнал во Белград, каде што води финални преговори со раководството на Црвено-белите за прецизирање на деталите од договорот.
Сигналите дека трансферот е блиску до реализација доаѓаат и од Грција. Шортс минатата сезона ја помина во редовите на атински Панатинаикос, каде што пристигна како огромно засилување по бруталните сезони во Париз.
Грчкиот великан е подготвен да му дозволи промена на средината по само една година, што ја отвори вратата за евролигашите кои се во потрага по елитен плејмејкер на теренот.
За услугите на македонскиот репрезентативец владееше вистинска војна на пазарот. Сериозен интерес со конкретни финансиски понуди покажаа и Хапоел Тел Авив, како и Партизан, кој исто така бараше засилување на бековската позиција.
Сепак, според последните информации, менаџментот на Црвена ѕвезда бил најконкретен, најбрз и понудил најдобар проект во кој Шортс би ја имал клучната улога во креацијата на нападот за следната сезона.

