Кевин Де Бројне предизвика големо внимание во Италија со своите искрени коментари за соработката со Антонио Конте и ситуацијата во Наполи.
Белгискиот играч за врска во интервју за белгиските медиуми призна дека првата сезона во Неапол не била лесна за него, пред сè поради тактичкиот пристап на поранешниот тренер Антонио Конте.
„Мислам дека играв прилично добро на почетокот од сезоната, а и по враќањето од повредата успеав да задржам добро ниво. Сепак, ми беше тешко бидејќи Конте има сосема поинаква визија за фудбалот од мојата. Нема потреба тоа да се крие. Никогаш не успеав да играм на мојата природна позиција“, изјави Де Бројне.
Потоа следуваше изјава која силно одекна во италијанските медиуми.
„Дали ми е драго што Конте си заминува? Од моја гледна точка, да. Немаше потреба да остане.“
Белгиецот смета дека Наполи во текот на сезоната не играл фудбал кој одговара на неговите квалитети.
„За мене стилот на игра е многу важен. Фудбалот треба да биде и забавен. За жал, токму тоа ми недостигаше оваа сезона. Игравме многу дефанзивно. Ако постигнувате по еден гол по натпревар во систем 5-4-1, тогаш тоа не е нешто посебно.“
Де Брујне потсети дека Наполи често играл премногу повлечено, што дополнително го ограничувало неговото влијание на теренот.
„На почетокот од сезоната игравме многу ниско поставени. Нашиот најдобар стрелец постигна едвај десетина голови и тоа доволно кажува. Статистиката не е импресивна.“
Иако има уште една година од договорот со клубот, белгискиот репрезентативец не крие дека сака разговор со раководството.
„Имам уште една година договор, но сакам разговор. Минатото лето ми беа ветени одредени работи и одреден стил на игра, но речиси ништо од тоа не се реализираше. Тоа е разочарувачки.“
Заминувањето на Антонио Конте и доаѓањето на Масимилијано Алегри на клупата на Наполи би можеле значително да влијаат врз иднината на Де Бројне во клубот.
Според последните информации од Италија, Алегри веќе постигнал договор со претседателот Аурелио Де Лаурентис и наскоро треба официјално да биде претставен како нов тренер на актуелниот шампион на Италија.
Токму разговорот со Алегри би можел да биде клучен во одлуката дали Кевин Де Бројне ќе остане во Наполи или ќе побара нов предизвик уште ова лето.

