Бруно му е неостварена желба на Тухел: Тој е еден од најдобрите играчи за врска

Челзи попладнево (17:30 часот) го пречекува Манчестер јунајтед на „Стемфорд бриџ“ во дербито на 26-тото коло во Премиер лигата. Сините во овој меч ќе бркаат триумф за преземање на четвртата позиција на табелата, а со евентуални три бода ќе се доближат токму на Јунајтед и Лестер кои се на делба на втората позиција со по 49 бода.

Во пресрет на дербито, Томас Тухел ја пофали ѕвездата на Манчестер јунајтед, Бруно Фернандеш, кого се обидел да го доведе во својот тим додека беше тренер на ПСЖ.

„Мислам дека тоа беше во мојата прва сезона во ПСЖ. Со тогашниот спортски директор Антеро Хенрике го следевме Бруно и бевме свесни за неговиот квалитет. Се потрудивме да го доведеме во Париз, меѓутоа не знам што се случи, па трансферот не се реализира. Очигледно е дека Фернандеш е еден од најдобрите играчи за врска во светот. Неговото влијание во тимот на Солскјер е неверојатно, имам огромна почит кон него“, посочи Тухел.

Фернандеш бележи импресивни бројки и оваа сезона во црвениот дрес со 22 погодоци и 13 асистенции на вкупно 33 меча во сите натпреварувања, па јасно е дека ПСЖ, односно Тухел, беше загреан да го има во својот тим.

- Оглас -

Најнови вести