Бугарија тагува, почина легендарниот голман и претседател на фудбалскиот сојуз

Поранешниот голман и капитен на фудбалската репрезентација на Бугарија и поранешен долгогодишен претседател (18 години беше на чело на Федерацијата) на Фудбалскиот сојуз, Борислав Михајлов, почина на 63-годишна возраст.

Легендарниот Михајлов имаше сериозни здравствени проблеми по претрпен мозочен удар и од крајот на ноември беше хоспитализиран. Во последните недели неговата состојба беше критична, се наоѓаше во кома и не успеа да закрепне и покрај напорите на лекарите.

Михајлов бранеше 102 пати за бугарската репрезентација, беше капитен на славниот тим за време на Светското фудбалско првенство во САД 1994 година, кога Бугарија направи сензација и стигна до полуфиналето.

Легендата Христо Стоичков објави емотивна порака по повод лошата вест.

„Каде брзаше, Боби? Зошто толку рано? Нашиот капитен, нашиот водач, нашиот пријател нè напушти! Солзите не можат да престанат! Беше голем човек и голман! Толку е тажно! Ти и Туњо (Трифин Иванов н.з.) се здруживте во подобар свет! Чувај нè, води нè! Те прегрнувам, пријателе мој!“, напиша Стоичков на Фејсбук.

- Оглас -

Најнови вести