Бугарскиот селектор се жали: Го истуривте целото ѓубре врз нас и играчите

Бугарскиот селектор Георги Иванов, кој го има статусот на привремен селектор на нашиот источен сосед, изјави дека репрезентативците незаслужено трпеле огромни критики во јунскиот циклус од четири натпревари во Лигата на нациите.

Неговиот претходник, Јасен Петров, си замина по поразот од Грузија со 2:5 на 5 јуни, а и Иванов не стартуваше добро и Бугарија одигра само реми со Гибралтар четири дена подоцна, но денеска со нерешен резултат без голови во Тбилиси во нов меч со Грузијците малку го поправија впечатокот.

„Јасно е дека немаме шанси за првото место и се надевам дека можеме да ја прескокнеме Македонија на втората позиција на конечната табела. Многу отровни стрели се упатени кон нас, особено кон играчите.. Да не бидам груб, но целата помија е фрлена кон нас. Денеска покажаа дека имаат квалитет и машки се справија со сите незгоди што ни се случуваа“, изјави Иванов.

Бугарите имаа стравотен инцидент при доаѓањето во Тбилиси и нивниот автобус имаше директен судир со друг автобус. Настрада Тодор Неделев, кој беше опериран, но е во стабилна состојба, откако парчиња стакло му се забија во главата.

Бугарија треба да игра со Гибралтар дома на 23 септември и со Македонија на 26 септември во Скопје, а се надеваат на две победи што ќе ги донесат на втората позиција на конечната табела во четвртата група од Сегментот Ц од Лигата на нациите.

 

- Оглас -

Најнови вести