Бурни реакции во Холандија: Го измисливме тоталниот фудбал, сега тотално се бламираме

Одлуката на Холандската фудбалска федерација, КНВБ, предвреме да ја спушти завесата во двете најквалитетни лиги и особено решението да нема шампион и начинот на кој се одредени патниците во Европа наиде на бурни реакции кај поголем дел од клубовите.

Прв реагираше Утрехт, кој имаше двојна шанса за излез во Европа, преку првенството, но и со евентуална победа во финалето на купот, но извиси. Од клубот најавија дека ќе поведат судска постапка против одлуката на КНВБ, а ако треба ќе се жалат и во УЕФА.

На чудната одлука се жали и АЗ Алкмар, клуб што имаше шанси за титулата и во првенство без шампион ќе мора да игра квалификации за ЛШ, а Ајакс, кој има еднаков број бодови директно оди во фаза по групи во луксузното натпреварување.

„Разочарани сме од одлуката. Предложивме неколку сценарија ако не се доигра првенството и ниту едно не е прифатено. Можеше да се игра плејоф за титулата, а не вака да нè оштетат. Холандија го измисли тоталниот фудбал, а сега тотално се избламиравме“, велат од таборот на АЗ Алкмар.

Вистински дебакл доживеаја и Камбур и Де Графшап, клубови кои беа пред сигурна промоција во Првата лига, но ќе мора да ја почекаат следната сезона.

„Ова е куклен театар. Ерик Гуде во име на Федерацијата ни ја соопшти одлуката, а ми звучеше како крадец што сака да побегне затскриен од мракот во ноќта. Едвај процеди низ заби дека нема да бидеме прволигаши“, изјави претставник на Де Графшап, второпласираната екипа во популарната Ерсте дивизија.

Во Ередивизија нема да игра и Камбур, екипа што имаше дури 11 бодови предност, пред третопласираниот Волендам, на 9 кола до крајот на шампионатот.

„Сега го доживеавме најголемиот срам во историјата на холандскиот фудбал. УЕФА апелираше да се постапи фер и спортски, но ова е сосема спротивно. Требаше сè да се откаже, а не вака да има оштетени и привилегирани екипи. Ајакс мина најдобро, но постапката е срамна и комплетно нефер“, изјави Хенк де Јонг, тренерот на Камбур.

Одлуката на КНВБ е Ајакс да игра во фаза по групи во ЛШ, АЗ Алкмар, кој има еднаков број бодови, но послаба гол-разлика да настапи во квалифииациите во истото натпреварување, а Феенорд, ПСВ Ајндховен и Вилем втори да играат во Лигата на Европа.

Штета претрпеа и второлигашите со одлуката никој да не испадне, но и да на влезе во Првата лига, или популарната Ередивизија.

 

- Оглас -

Најнови вести