Чави еднаш ја одби Барса, но смета дека е подготвен за жешкото столче на „Камп ноу“

Чави ја напушти Барселона во 2015 година и се пресели во Катар, каде што кратко време играше во редовите на Ал-Сад, пред да ја преземе клупата на истиот клуб. Речиси една година е тренер на оваа екипа со која склучи двегодишен договор во мај 2019 година и изучувајќи го тренерскиот занает, се подготвува за животната работа во неговата кариера – да биде тренер на Барселона.

Чави веќе имаше прилика да застане на кормилото на Каталонците, но одби да дојде на сред сезона по отказот на Ернесто Валверде. Шпанецот предложи да биде назначен за шеф на стручниот штаб по крајот на актуелната сезона, меѓутоа управата бараше експресно решение и го најде во Кике Сетјен. Сепак, вратата во Барселона за Чави секогаш ќе биде отворена и нема сомнежи дека во иднина ќе се врати на „Камп ноу“, а се чини дека и тој се пуштил во длабоко размислување, па дури и откри со кои играчи би го засилил тимот.

„Не знам дали би било финансиски возможно знаејќи дека нè очекува криза, но да бев тренер на Барселона, би се потрудил да го вратам Нејмар. На тимот не му требаат големи промени, еден крилен напаѓач како Нејмар и уште едно квалитетно крило како Санчо или Гнабри би биле фантастични засилувања“, истакна Чави.

Прво да заврши пандемијата со Коронавирусот и светот да се врати во нормала, а потоа ќе биде само прашање на време кога Чави ќе го видиме на жешкото столче во каталонскиот гигант, клубот со кој освои 25 титули.

 

- Оглас -

Најнови вести