Чави има договор со Барселона, се чека само промоција

Барселона и Чави веќе се договорени за соработка и се чека само официјална промоција на легендата на клубот на клупата на гигантот, објави „Беин спортс“.

Раководството на Барса, а и самиот Чави потврдија дека имало преговори, а според „Беин спортс“ веќе се е договорено и легендата на Каталонците ќе го напушти кормилото на катарскиот клуб Ал Сад и ќе се врати на „Камп Ноу“, овојпат како тренер.

Барселона моментно е лидер во Ла Лига во Шпанија со 40 бодови, колку што има и Реал Мадрид, но раководството на Каталонците не е задоволно од учинокот на Ернесто Валверде на клупата на актуелниот шампион.

Најавите за смена постојано беа споменувани во шпанските медиуми, а се засилија по последното „Ел Класико“ во кое Барса беше надиграна од Реал Мадрид на свој терен, иако мечот заврши нерешено, без голови. Чашата веројатно се прели по поразот во четвртокот од Атлетико Мадрид во полуфиналето од шпанскиот Суперкуп во Џеда, Саудиска Арабија.

Валверде освои две шампионски титули со Барса, откако во мај 2017 година го замени Луис Енрике на кормилото на шпанскиот гигант, но и тоа не е доволно по се изгледа да продолжи како шеф на стручниот штаб на актуелниот првак.

Навивачите на каталонскиот клуб се уште му ја паметат елиминацијата од Рома и од Ливерпул во двете последни сезони во Лигата на шампионите.

Каталонците имаа огромна предност од 3 гола разлика по првите дуели, но беа елиминирани и од римската волчица со пораз од 0:3 (победија дома со 4:1) и од Ливерпул со пораз од 4:0, иако на „Енфилд Роуд“ допатуваа со предност од 3:0.

 

 

- Оглас -

Најнови вести