Чави разочаран по елиминацијата од Купот: Можевме и да победиме

Само за 10-тина дена Барселона остана без два трофеја. Најпрво каталонскиот гигант загуби во финалето на Суперкупот од Реал Мадрид, и тоа убедливо со 4:1, а синоќа беше елиминиран и во четвртфиналето од Купот на Шпанија од Атлетик Билбао.

Драматичен беше мечот во Билбао. Атлетик поведе со 1:0, Барселона го сврте резултатот во своја корист за 2:1 за гостите, но тимот од Билбао израмни на 2:2, резултат кој беше по 90 минути игра. Во дополнителните 30 минути, Атлетик покажа повеќе сила и храброст и постигна два гола за победа од 4:2 и голема радост на домашните фанови.

По мечот, тренерот на Барселона, Чави Ернандес, анализираше дека неговиот тим немал среќа.

„Бевме рамноправен противник против еден голем ривал, кој игра многу добро, посебно пред своите навивачи. Секогаш е драматично кога сѐ се решава во еден меч. Поведовме, потоа имавме две големи шанси преку Ламин, но не постигнавме трет гол. Фудбалот е игра на грешки и ние загубивме на наши грешки. Едноставно, не успеавме да ги минимизираме. Уште по ждрепката кажав дека немавме среќа со противникот што го добивме. Можам да бидам горд на своите играчи, го дадоа максимумот. Сега треба да се фокусираме на мечевите во домашното првенство и во Лигата на шампионите“, рече Чави.

Барселона заостанува дури осум бода зад лидерот во Примера, екипата на Жирона и има седум помалку од вечниот ривал Реал Мадрид, што значи дека ќе биде многу тешко да се одбрани тронот. Што се однесува за Лигата на шампионите, таму за ривал в осминафиналето го имаат италијанскиот Наполи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести