Првиот човек на европската фудбалска федерација (УЕФА), Александер Чеферин ја критикуваше Италија дека е земја која има најлоши стадиони во Европа, барем кога се работи за големите и моќни земји. Чеферин објасни дека Сан Сиро нема шанси да добие домаќинство на финале на Лига на шампиони и логично било тоа што легендарниот стадион во Милано бил исфрлен од трката.
„Италијанската фудбалска инфраструктура е срамота. Вие сте една од најголемите фудбалски земји, освоивте многу Светски првенства, Европски првенства, Лиги на шампиони. Во исто време, имате убедливо најлоша инфраструктура меѓу големите земји. Искрено, малку ми е доста од овие дискусии за италијанската инфраструктура, бидејќи сè што гледаме се дискусии. Клубовите имаат потреба од помош од владата, им е потребна помош од општините. Приватните инвеститори ќе инвестираат. Време е да се направи нешто, бидејќи инфраструктурата е ужасна. Сè уште не сум загрижен за Европското првенство во 2032 година. Мислам дека владата сега сфати дека мора да преземе нешто. Имам голема доверба во Габриеле Гравина, кој е мој прв потпретседател. Тој ќе направи сè што може за да го намали јазот“, рече Чеферин во изјава за италијанската „СпортМедиасет“.