Европската фудбалска федерација (УЕФА) вчера ги донесе одлуките за промена на форматот во Лигата на шампионите. Од 2024 година наместо досегашните 32 екипи, во групната фаза ќе има 36 клубови.
Првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин, не сакаше новиот формат да го споредува со тоа што сакаа да го понудат „бнтовниците“ во неуспешната Суперлига, но додаде дека може да има драстични казни за оние гиганти кои сакаа да ја „срушат“ Лигата на шампионите.
„Зголемувањето на бројот на екипи во Лигата на шампиони не значи дека станавме Суперлига. Во Суперлигата секогаш би играле истите клубови едни против други. Секако дека постои опцијата да има казна за оние бунтовници кои сакаа да ја формираат Суперлигата. Тоа може да биде казна и за клуб кој би ја освоил Лигата на шампионите. За казните и за евентуално исфрлање од ЛШ треба да реши Дисциплската комисија на УЕФА, кое е независно тело. Правилата за сите се јасни. Тие се бунтуваат дека УЕФА заработува милијарди, а 93,5 отсто од приходите се враќаат на клубовите. Како ова да се објасни на некој што не сака да слуша? Тука сите клубови имаат ист статус“, рече Чеферин.
Реал Мадрид, Барселона и Јувентус беа иницијаторите за формирање на Суперлигата и токму тие се најпотенцирани како клубови кои може да добијат суспензија од УЕФА.