Червар со моќна порака на пречекот на ракометарите во Загреб

Хрватската ракометна репрезентација не успеа да го освои златниот медал на Европското првенство, но повторно беа дочекани како големи шампиони на плоштадот во Загреб. Повеќе од 5.000 навивачи со песна и аплаузи ги поздравија момците кои им донесоа многу причини за радост во изминатите 20-тина дена.

Селекторот Лино Червар доби овации од навивачите, а тој имаше што да им порача.

„Добивме држава, но имаме сè помалку деца. Затоа ни е потребно заедништво, секој ден. За да одиме во иднината, треба да ги почитуваме универзалните вредности, а тоа се вистината, праведноста и љубовта. Мило ме е што тука гледам многу деца и млади луѓе“, рече Червар на пречекот.

Капитенот на Хрватска и играчот кој беше прогласен за најдобар играч на турнирот, Домагој Дувњак беше воодушевен, а порача дека наградата за МВП на турнирот веднаш би ја заменил со освојување на златото.

„Кога ќе дојдеш на плоштадот и кога ќе видиш толку луѓе, тогаш знаеш што си направил. Бевме тажни по поразот во финалето, но за ова вреди да се живее. Наградата МВП веднаш би ја заменил за златото. Тимот секогаш е пред индивидуалната награда“, рече Дувњак.

- Оглас -

Најнови вести