Чешка вторпат подобра од нас, сребро и пласман во А дивизија за Македонија

Репрезентацијата на Македонија за кошаркари до 20 години вторпат загуби од Чешка, овој пат со 72-85, што беше доволно за освојување на второто место на Европското првенство – Б дивизија, кое минатите десеттина дена се одржуваше во Скопје.

Чешка во текот на целото прво полувреме го диктираше резултатот и на паузата замина со предност од 35-26. Во третата четвртина успеавме да се вратиме во игра, дури и да поведеме, а периодот заврши нерешено, 52-52.

Сепак, нашите момци немаа сили во последниот период и Чешка дојде до заслужена победа од 85-72.

Најефикасен во нашите редови беше Теодор Симиќ со 23 поени, додека Марин Петов уфрли 14. Во репрезентацијата на Чешка најефикасен беше Ондреј Хустак со 17 поени.

Македонија мора да се задоволи со сребрениот медал од првенството, но она што е највазно, Македонија после 16 години се враќа во најквалитетното европско друштво и следната година ќе игра на Европското првенство за кошаркари до 20 години.

Освен Чешка и Македонија, пласман во А дивизијата обезбеди и селекцијата на Украина, која во борбата за третото место беше поуспешна од Шведска со 83-61.

- Оглас -

Најнови вести