Четири опции во игра за судбината на исчезнатиот Сала

Полицијата во Гернси со три авиони и еден хеликоптер денеска ја продолжува потрагата по евентуални остатоци од авионот во кој беше фудбалерот Емилијано Сала, а кој најверојатно се урна во англискиот канал, кај нас познат како Ла Манш.

Потрагата е во тек, но засега нема конкретни резултати. Полицијата во Гернси објави дека можни се четири сценарија за судбината на Сала и пилотот кој го управувал авионот, кој не успеа да стигне на својата крајна дестинација во Кардиф.

Прва опција е дека авионот слетал некаде принудно, но Сала и пилотот не можат да остварат контакт. Второ е дека слетале во вода, а биле извлечени од брод кој минувал во близина, но не можат да се јават. Третата варијанта, на која најмногу е фокусирана потрагата, е дека авионот слетал во вода, а пилотот и патникот се спасиле и се извлекле со сплав, за кој се знае дека го имало во авионот. Најцрната, за жал, и најреална опција е дека авионот се распаднал при ударот во вода и дека нема преживеани.

Шефот на спасувачката мисија смета дека нема шанса Сала и пилотот да се најдат живи бидејќи и најдобро подготвен спортист не би можел да издржи повеќе од неколку часа во студената вода.

- Оглас -

Најнови вести