Човекот кој го намести голот вреден за светска титула, се пензионира на 29 години

Германскиот офанзивец Андре Шурле на 29 години ја заврши професионалната кариера. Ексиграчот на Челзи пред неколку дена стана слободен играч откако го раскина договорот со Борусија Дортмунд, па наместо да бара нов ангажман, Шурле одлучи да ги закачи копачките на клин.

Само пред шест години Шурле ѝ помогна на Германија да ја освои светската титула, откако му асистираше на Геце за погодокот против Аргентина во финалето, по што Панцерите триумфираа на Мундијалот во Бразил.

Изминатата сезона ја мина на позајмица во Спартак Москва, а претходно играше за Фулам исто како позајмен од редовите на Дортмунд. Шурле кариерата ја почна во Мајнц, продолжи во Баер Леверкузен, па Челзи, пред да се врати во Бундеслигата како член на Волфсбург.

За Германија запиша 57 настапи на кои реализира 22 погодоци.

- Оглас -

Најнови вести