Човекот кој го „создаде“ Фетел: Тој веќе нема иднина во Ферари

Советникот во Ред Бул, тимот во Формула 1, Хелмут Марко, човекот кој му помогна на Себастијан Фетел да изгради богата кариера и да стане еден од најдобрите возачи во историјата на атрактивниот мотоспорт, вели дека Германецот веќе нема иднина во Ферари. Марко му беше ментор уште во јуниорските категории, а воедно е меѓу најзаслужните што Фетел успеа да освои четири последователни светски титули од 2010 до 2013 година. Сега тој смета дека Ферари го жртвува со цел да направи ѕвезда од Леклер.

За време на трката за големата награда на Русија, болидите на Ферари беа во позиција да издоминираат за нов успех, но имало недоразбирање меѓу Фетел и тимот. Наводно, имало договор доколку Фетел ги престигне Хамилтон и Леклер, Германецот да му дозволи на помладиот колега да избие на челната позиција. Меѓутоа, тоа не се случи. Фетел ги игнорираше упатствата и се одвои од Леклер, потег кој беше залуден бидејќи не ја доврши трката поради механички проблем на болидот.

„Себастијан им беше најбрз, а тие го жртвуваа. Ферари не ја загуби трката поради тоа што имаа побавни болиди, туку поради тоа што го жртвуваа Фетел за неговиот колега. Тој веќе нема иднина таму. Нивните упатства беа непотребни, Фетел ја имаше победата во свои раце, а сега си направија непотребни проблеми“, истакна Марко.

На крајот, во Русија се радуваше Мерцедес на „еден-два“ победата на Хамилтон и Ботас, додека Леклер иако тргна од пол-позицијата заврши на третото место.

- Оглас -

Најнови вести