Човекот кој ја знае „душата“ на македонската репрезентација состави добротворен тикет и најави дека ќе дадеме гол против Австрија

Македонската фудбалска репрезентација утре гостува кај Австрија во меч од квалификациите за пласман на Европското првенство кое ќе се игра следната година. Во таква ситуација, еден од најкомпетентните да состави добротворен тикет за хуманитарната акција на Sport Life и Спорт Манија е некој кој е во најблизок контакт со нашите најдобри фудбалери, а таков секако е портпаролот на Фудбалската федерација, Златко Андоновски.

Поранешниот спортски новинар веќе неколку години успешно ја извршува една од најодговорните работи во ФФМ, а сега со задоволство прифати да направи тикет. Невозможно е кога игра Македонија да се направи тикет без нашата најдобра селекција на него, а Андоновски дури би типувал и на стрелец на погодок.

„Чувствувам дека ќе дадеме гол против Австрија, дури би прогнозирал дека стрелец на голот може да биде Стефан Спировски или Елиф Елмас. Во ваква ситуација, мојата прогноза е дека ќе има погодоци во Виена. Македонија уште има шанси за пласман на ЕП 2020. Ако не преку квалификациите, шансите се реални преку плејофот од Лигата на нациите“, вели Андоновски, кој инаку е голем навивач на Реал Мадрид.

И за секој од останатите мечеви кои се на тикетот има образложение за одиграните знаци.

„Многу го почитувам Рајан Гигс, кој сега е селектор на Велс, и поради него играм на гостите во дуелот против Азербејџан. Русија мислам дека нема да загуби дома од Белгија во меч кој нема големо значење бидејќи двете селекции се со обезбеден пласман на ЕП. Словенија лесно ќе ја победи Летонија, која никогаш немала послаба репрезентација, а очекувам Хрватска на свој терен со победа против Словачка да го завери местото на завршниот турнир. Полска нема голем мотив за гостувањето кај Израел, па домаќините кои се борат за подобар пласман на табелата ќе сакаат да освојат бодови. Холандија со победа на гости кај Северна Ирска треба да го визира местото меѓу најдобрите“, вели во својата анализа на тикетот кој го нуди Андоновски.

Иако фудбалот му е главна преокупација на спортски план, Златко од неодамна активно се занимава и со трчање. Дека тоа не е само рекреативно, туку прерасна во еден натпреварувачки ритам потврдува и фактот дека оваа година Андоновски успеа да истрча три различни полумаратони.

„Трчањето ме исполнува. Годинава успешно ги поминав полумаратоните во Скопје, Белград и Љубљана. За следната година предизвикот е уште поголем. Се надевам дека ќе бидам дел и од маратонот кој се трка во Мадрид, но ќе видиме како ќе биде“, открива Андоновски.

 

- Оглас -

Најнови вести