Човекот што го „погреба“ Сер Алекс стави крај на извонредната кариера

Карлос Тевес донесе конечна одлука да стави крај на извонредната дведецениска кариера. Аргентинскиот напаѓач на 38 години реши да ги закачи копачките на клин, најголема причина за тоа е што повеќе го нема неговиот најверен фан, татко му, кој почина минатата година.

Тевес одлуката ја потврди вчера за аргентинските медиуми, а воедно ја обелодени намерата да започне тренерска кариера.

„Дефинитивно сум во пензија. Изминатиов период до мене стигнаа многу понуди, дури и од САД. Но, тоа е тоа, дадов сè што можев за оваа игра. Минатата година ми беше тешко да играм, но барем ги поминав последните мигови со татко ми. Одлуката ја донесов откако го загубив мојот број еден фан.“, истакна Тевес.

Англиската јавност нема да го заборави контроверзниот момент кога Тевес славејќи ја титулата во Премиер лигата со Манчестер сити, истакна транспарент „почивај во мир, Ферги“, три години по неговата преселба од редовите на Јунајтед.

Инаку, богатата кариера ја започна во Бока јуниорс, клубот за којшто подоцна играше уште во два наврати. Тевес ги бранеше и боите на Коринтијанс пред преселбата во Европа. Вест хем, Манчестер јунајтед и Манчестер сити уживаа во неговите мајстории, играше уште и за Јувентус, а се проба и во кинеската лига во редовите на Шангај Шенхуа.

Тевес освои 28 трофеи и еден од ретките со титули во ЛШ и Копа Либертадорес, а памети и олимиско злато со Аргентина во 2004 година. На вкупно 607 клупски настапи, Тевес бележи учинок од 237 гола и 108 асистенции.

- Оглас -

Најнови вести