Човеков играл шестпати против Џордан во НБА и никогаш не загубил

Прилично мал број кошаркари може да се пофалат дека во НБА-лигата никогаш не биле поразени од екипа за која играл славниот Мајкл Џордан. Вкупно 76 играчи не знаат за пораз од Џордан.

Листата ја предводи Боби Џонс, кој во дресот на Филаделфија сиксерс има 6-0 против Летечкиот Мајкл. Џонс, кој со 76-ките освои титула во 1983 година, при крајот на кариерата шестпати по ред го победуваше Чикаго булс со тогаш младиот Џордан.

Интересно е што за пораз од Џордан не знае ниту Скоти Пипен, но не затоа што беа соиграчи, туку затоа што Пипен во дресот на Портланд славеше над Вашингтон кога за Визардс играше Џордан.

Биланс од 5-0 против Џордан има Грег Бакнер, а на 4-0 се Џон Салмонс и Радослав Нестеровиќ. Словенечкиот центар со Минесота редовно си го „тепаше“ Вашингтон со Џордан во составот.

Од играчи од балканските простори, за пораз од Џордан во НБА не знаат Мехмет Окур, Ефтимос Ренцијас, Примож Брезец, Предраг Савовиќ и Игор Ракочевиќ, а на листата го има и Дирк Новицки, кој трипати славел против Џордан и имал подобар просек на поени од него во нивните меѓусебни дуели.

- Оглас -

Најнови вести