Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) воведе нови правила за навивачите кои ќе присуствуваат на натпреварите од Светското првенство, кое започнува на 11 јуни во САД, Мексико и Канада.
Најголемо внимание привлече одлуката за забрана на вувузелите – долгите пластични труби кои станаа препознатлив симбол на Светското првенство во Јужна Африка во 2010 година. Тогаш нивниот постојан звук предизвика бројни реакции кај фудбалерите, навивачите на стадионите и телевизиските гледачи ширум светот.
Освен вувузелите, ФИФА забрани внесување и свирчиња, труби и други уреди кои создаваат прекумерна бучава, со цел да се обезбедат подобри услови за игра и следење на натпреварите.
На листата на забранети предмети се најдоа и ласерските покажувачи, кои во минатото често беа користени за вознемирување на играчите и судиите.
Новите мерки се дел од поширокиот безбедносен протокол што ќе важи на сите стадиони за време на Мундијалот, на кој за првпат ќе учествуваат 48 репрезентации.

