Чудо над чудата на Мундијалот – имаше ли некој што предвиде ваков исход?

Аргентина ја победи Хрватска со 23:19, во меч од 4. коло во Група 2 на Светското ракометно првенство во Египет. Пред мечот, Хрватска беше апсолутен фаворит и Коцкестите со триумф требаа да бидат многу блиску до пласман во четвртфиналето.

Сепак, и овојпат се докажа дека нема калкулации пред да почне средбата. Аргентина започна фуриозно и поведе со 5:0, што беше шок за фаворитот. Хрватите полека се враќаа во игра и намалија на 6:7, а до полувремето прв пат успеаа да израмнат на 12:12.

На почетокот на вториот дел Хрватите за прв пат и поведоа со 13:12, но Гаучосите не се збунија. Со серија од 3:0, Аргентина повторно поведе со 15:13 и до крајот на средбата не ја испуштија предноста. Одлична беше одбраната на Јужноамериканците, па Хрватска за 25 минути во вториот дел даде само пет гола. Тогаш Аргентина водеше со 22:17 и јасно беше дека ќе се случи најголемото изненадување на планетарниот собир во Египет.

Со оваа победа Аргентина сега се искачи на второто место во групата со 6 бода, додека Хрватска остана со пет поени. Шанса за четвртфиналето има и Катар кој има 4 бода на четвртото место.

Унгарија се пласираше во четвртфиналето, откако во директен за место во нокаут фазата со 30:26 ја победи Полска. Унгарците уште во првото полувреме покажаа дека се подобри, па по првите неколку 10-тина минути кога беше 5:5, следуваше добра игра на фаворитот и на полувреме беше 16:10 за Унгарија. Во вториот дел, селекцијата која има перфектен биланс рутински ја одржа предноста и стигна до 8 бода по четири кола, што им обезбедува место во следната фаза.

 

- Оглас -

Најнови вести