Реал Мадрид е на пат да ја заврши сезоната без ниту еден освоен трофеј. Теоретски Кралскиот клуб уште има шанси во трката за титулата во домашното првенство, но заостанува дури 11 бода зад Барселона на четири кола до крајот. В недела се игра вечното Ел Класико на „Камп ноу“, кога Барселона доволно е да не загуби на свој терен за да се радува на шампионскиот пехар.
Во пресрет на Ел Класико, главна тема кај навивачите на Реал Мадрид е онлајн петицијата која започна неодамна, а таа е за тоа дали поддржуваат Килијан Мбапе да си замине од Кралскиот клуб. Целта беше да се достигне до бројка од 200.000 потписи, но петицијата стана многу повирална отколку што се очекуваше и веќе има над 28 милиони потписи на луѓе кои се согласуваат дека време е Мбапе да си замине од „Сантијаго Бернабеу“.
„Доколку верувате дека промената е неопходна, не молчете – потпишете ја оваа петиција и бранете го она што верувате дека е најдобро за иднината на клубот“, повикуваат иницијаторите.
Мбапе, кој моментно се бори со повреда на бутот, е предмет на жестоки критики во последните недели, особено откако беше фотографиран на одмор во Сардинија со својата девојка. Како одговор на тоа, претставниците на 27-годишниот напаѓач објавија соопштение во кое велат дека неговото патување е одобрено од клубот.
На последните 12 меча на Реал, Мбапе играше шестпати и во тој период тимот победи само еднаш. На шесте дуели на кои Мбапе не играше, Реал имаше перфектен биланс од шест победи.
Мбапе сезонава е најдобар играч на Реал и во 41 меч постигна 41 гол, но сепак се најде како главна цел кај навивачите.

