Ослабениот Вардар 1961 претрпе пораз од 23-33 од Монпелје во првиот меч од четвртфиналето во Европската лига на ЕХФ и чудо ќе биде потребно за Црвено-црните да се најдат на фајналфорот во второто по квалитет клупско натпреварување во Европа.
Тренерот Иван Чупиќ не можеше да смета на бековите Јака Малус и Дмитро Хориха, но вардарци добро се држеа во првото полувреме. Сепак, кобна беше серијата од 7-2 на стартот на вториот дел, кога беше скршен отпорот, а во финишот Монпелје направи и двоцифрена разлика.
„Првото полувреме беше добро, игравме дисциплинирано во одбрана. Се обидовме да ја спречиме транзициската игра на Монпелје. Игравме 7 на 6 за да ги смениме нештата бидејќи имавме лимитиран ростер. Разочаран сум од почетокот на второто полувреме, направивме многу грешки и потоа беше многу тешко. Конечниот резултатот ми делува логичен“, рече Чупиќ.
Мишел Жуниор Тузолана повтори дека го следеле планот и првото полувреме било добро, но потоа почнаа проблемите.
„Второто полувреме не го започнавме добро, дојде и мојот глупав црвен картон, кој го стави мојот тим во тешка ситуација бидејќи немавме многу замени. Најважно е да продолжиме да веруваме и да покажеме подобра слика за себе во 60-те минути во реваншот. Продолжуваме да учиме и да одиме напред, ќе се бориме и следната недела“, изјави Тузолана.

