Вардар немаше сили за сензација и не успеа да ја анулира негативата од 10 гола од првото полувреме против Веспрем, па Црвено-црните капитулираа на свој терен во СЦ „Јане Сандански“ при конечни 27:41, што се испостави дека е најголем пораз од унгарскиот гигант во меѓусебните дуели.
Реваншот од осминафиналето во ЛШ кое е предвидено за седум дена, ќе биде само формалност во кој Унгарците ќе го потврдат пласманот во топ 8 фазата.
Доминантното издание на Веспрем во првите 30 минути беше доволно за гостите да очекуваат голем триумф по последниот судиски свиреж. Унгарците тргнаа доста фуриозно и со сите сили го нападнаа голот на Борко Ристовски кој имаше само две интервенции во првиот дел. На три минути до паузата, Веспрем стигна до +10 гола предност, што беше јасно дека вардарци ќе мора да се соочат со разочарување.
Во ист ритам продолжи Веспрем и во завршните 30 минути. Гостите стартуваа со два брзи гола и највисока предност на мечот од +12 дотогаш, па до самиот крај го контролираа резултатот и само за момент му дозволија на Вардар да игра при едноцифрена негатива. Вистинската катастрофа се случи во завршните десетина минути, кога Веспрем газеже до +16 гола предност.
Чупиќ со девет гола беше далеку најдобар ракометар на Вардар, додека Маргуч со шест погодоци беше најефикасен играч од редовите на Веспрем. Манасков постигна четири гола за Веспрем.