Дали со неиграњето во Мадрид, Ѓоковиќ ќе си го загрози првото место на АТП-листата?

Новак Ѓоковиќ дефинитивно одлучи дека нема да игра на АТП-турнирот во Мадрид, каде што е актуелен освојувач од пред две години. Лани во Мадрид не се играше тенис поради пандемијата со корона-вирусот, а во 2019 година Србинот се радуваше на пехарот.

Сега Ноле реши да не патува во Мадрид. „Жал ми е што нема да можам да дојдам во Мадрид оваа година и да се сретнам повторно со моите навивачи. Веќе поминаа две години, што е долг период. Се надевам дека ќе се видиме следната сезона!“, рече Ѓоковиќ, кој трипати во кариерата има победа на овој турнир.

Поради одлуката да не игра во Мадрид, Ѓоковиќ ќе остане без 500 бодови, кои требаше да ги брани како победник на турнирот. Дали оваа одлука да не игра во Мадрид може да го загрози првото место на Србинот на АТП-листата?

Ѓоковиќ во моментов има 11.963 поени, а во Мадрид ќе загуби 500 од 1.000-те бодови кои требаше да ги брани. Тоа значи дека ќе падне на 11.463 поени. Од друга страна, Надал, кој сега е втор со 9.810 поени, може максимално да добие 640 поени, што значи дека по завршување на турнирот во Мадрид, Шпанецот може да дојде до 10.450 поени.

Во една таква ситуација, разликата меѓу Ѓоковиќ и Надал ќе биде малку повеќе од 1.000 бодови, а потоа следува Ролан Гарос, каде што Надал ќе брани бодови како освојувач, а Ноле како финалист од последниот гренслем во Париз.

 

- Оглас -

Најнови вести