„Данска е фаворит, но беше и Италија во Палермо“

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Гоце Седлоски, го објави составот за двата претстојни бараж-натпревари, нагласувајќи дека е во постојан контакт со сите повикани играчи.

„Муслиу ќе биде подготвен по повредата, а тука е и Езѓан Алиоски, кој има некои проблеми, така што неговото учество е под знак прашалник. Костурот на тимот се овие играчи кои го одиграа поголемиот дел од квалификациите. Сакам атмосферата да остане иста, овие фудбалери се добро запознаени и со мало освежување ќе бидеме уште подобри. Сите на списокот можат да настапат и сите мора да знаат за кој дрес играат и колку тежи тој. Немаме многу време – само три дена за работа. Ќе се обидеме да вметнеме нешто ново, а вратата на репрезентацијата никому не му е затворена. Важно ми е да бидеме компактни, да не се плашиме да излеземе и да одиграме квалитетно. Јас како играч секогаш сум барал таква атмосфера каква што нè очекува во Данска, па се надевам дека така ќе биде и сега. Наше е да одиграме храбро и да се обидеме да изненадиме. Така беше и во Палермо, изненадивме и победивме, па нека биде така и во Копенхаген. Притисокот е на страната на противникот, тие се редовни учесници на големи натпревари. Фудбалот трае 90 минути, наше е да играме онака како знаеме и без страв“, изјави Седлоски.

Македонија ќе го има својот собир в недела, а подготовките ќе бидат кратки бидејќи веќе в четврток се игра дуелот во Копенхаген против Данска. Победникот од овој натпревар ќе се соочи со подобриот од пресметката меѓу Чешка и Ирска како последна пречка пред Светското првенство.

- Оглас -

Најнови вести